Промоција
на три книги во Точка
Тридневниот новогодишен
маратон завршува со промоцијата на последните три книги од
продукцијата на издавачката куќа Темплум: Продавници со боја
на цимет од Бруно Шулц, Во земјата на магијата од Анри Мишо
и Лолита од Владимир Набоков. Промоцијата, која е со
неофицијален поднаслов Зошто да купите три книги од
издавачката куќа Темплум? ќе се одржи во среда со почеток во
20.00 часот. Промотори се Влада Урошевиќ, Владимир
Мартиновски и Никола Гелевски. |
Лолита на Набоков покажува дека
уметникот, ако е доволно вешт, може да ги опише сексуалните
ексцентричности или која било наизглед забранета тема на начин кој
може да ги направи барем прифатливи за читателот, а можеби дури и да
го наведе читателот да ја види убавината во нивните описи.
Поврзувањето на чувството за хумор со чувството за ужасно создава
сатира од специфичен вид во која порокот или глупавоста не се
прифаќаат толку многу со презир колку со чувство за длабока
поразеност и трагична симпатија.
Бруно Шулц е еден од најголемите
магови во прозното исцртување на стварноста, и тоа онаква каква што
нé демне зад аголот на нашето наоблачено секојдневие кое е
затскриено во затапените сетила. Во неговите раскази акцентот
никогаш не е поставен врз развитокот на приказна, туку пред сé во
доловувањето на една специфична атмосфера. Фантазијата на Бруно Шулц
е дива, слободна речиси до автоматизам во синтаксички вообличената
перцепција. Станува збор за стварност во која сништата со ништо не
се јасно разграничени и одвоени од јавето. Во овие раскази доминира
немиметичка концепција за прозата, која Шулц суптилно ја објаснува
во експозето за неговата најпозната книга раскази Продавниците со
боја на цимет: "Авторот мисли дека не е можно да се досегне
најдлабокото дно на биографијата и конечниот облик на судбината со
опишување на надворешниот тек на животот, ниту со психолошка анализа,
без разлика колку таа длабоко понира. Суштинските карактеристики на
човечкиот живот се наоѓаат во сосема поинаква димензија на духот, не
во категоријата на фактите, туку во нивната духовна смисла."
Како повеќето книги на Мишо,
така и текстовите од Во земјата на магијата се противат на сите
обиди за строго жанровско дефинирање. Со прецизноста на изразот
некои пасажи напати потсетуваат на антрополошки, етнографски или
природнонаучни записи, со свежината и животноста на импресиите и
чувствата - на патеписни скици или на дневнички белешки, со
илузионистичката сугестибилност - на она што денес се нарекува
трип-литература, со загадочната, бизарна и црнохуморна атмосфера -
на визуелните ефекти на надреалистичкото сликарство, со елиптичните
дескрипции и неочекувани пресврти - на куси прозни фрагменти, а со
шокантноста и непредвидливоста на асоцијативните нишки на поетските
слики - на чиста поезија.
|